Политичката партија ВЛЕН остро ја осуди, како што наведува, секоја форма на глорификација на четниците, а особено на Ратко Младиќ, кој е осуден за геноцид и други тешки воени злосторства.
Од партијата велат дека особено загрижува фактот што вакви содржини, според нив, биле објавени од раководител на институција чија задача е да ги штити правата на Албанците и припадниците на другите заедници.
„Ова не е прашање на личен вкус или убедување. Ова е прашање на стандарди за еден јавен функционер и на пораката што институциите им ја испраќаат на граѓаните“, наведуваат од ВЛЕН.
Од партијата бараат итна одговорност, оценувајќи дека лице кое не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант за заштита на правата на заедниците.
ВЛЕН дополнително повикува на почитување на жртвите од воените злосторства и на принципите на меѓуетнички соживот и почитување на човековите права.






