Коалицијата ВЛЕН преку соопштение упати остри критики кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека со години ги штитела, како што наведуваат, интересите на урбаната мафија во Тетово и придонела за финансиски и инфраструктурни проблеми во градот.
Од ВЛЕН оценуваат дека воспоставувањето ред и законитост во Тетово за време на мандатот на градоначалникот Билал Касами претставува причина за политички напади од страна на опозицијата.
Во соопштението се наведува дека претходните локални власти го оставиле градот со долг од околу 24 милиони евра, додека актуелната локална власт, според ВЛЕН, паралелно работи на намалување на долговите и реализација на инфраструктурни проекти.
Коалицијата тврди дека во периодот на владеење на ДУИ имало проблеми со јавни и државни имоти, наведувајќи дека поради имотно-правни прашања и узурпации не можеле да се реализираат важни проекти, меѓу кои и изградбата на стадионот во Тетово.
Според ВЛЕН, со доаѓањето на Билал Касами на чело на општината биле преземени активности за враќање на имотите на граѓаните и деблокирање на повеќе проекти.
Во соопштението се наведува дека во моментов се работи на изградба на стадионот во Тетово, нови патишта и булевари, како и на изградба на две нови средни училишта.
Од коалицијата додаваат дека покрај решавањето на инфраструктурните проблеми, водоводната и канализациската мрежа, се реализираат и проекти за спортски сали и базени, со цел Тетово да добие помодерна инфраструктура.
Воедно, ВЛЕН обвинува дека опозицијата има носталгија кон претходните периоди на управување со општината, за кои тврди дека биле обележани со долгови и спорни политики.
На крајот од соопштението, коалицијата потсетува на резултатите од локалните избори, наведувајќи дека победата во Тетово била јасна порака од граѓаните за насоката во која треба да се движи градот






