Коалицијата ВЛЕН соопшти дека албанскиот јазик треба да се унапредува со конкретна работа, а не да се користи како тема за политички кампањи и создавање страв кај граѓаните. Од коалицијата наведуваат дека напорите на албанските партии во Владата неодамна ги оценил и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Според ВЛЕН, Рама им се заблагодарил на албанските владини партии за нивните заложби за унапредување на албанскиот јазик, вклучително и во постапките за лиценцирање и во разговорите за неговата употреба во правосудството, односно при полагањето на правосудниот испит.
Од коалицијата тврдат дека албанскиот премиер го оценил и, како што наведуваат, умерениот и одговорен пристап на партиите кон јазичното прашање.
„Албанскиот јазик не е тема за политички кампањи, ниту средство за создавање страв кај граѓаните. Тој е стекнато право и заедничко богатство на сите Албанци, кое се штити и унапредува со конкретна работа“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Коалицијата ја обвинува ДУИ дека преку политички судири и предупредувања се обидува да создаде впечаток за алармантна состојба во однос на правата на Албанците. Според ВЛЕН, постои напредок, а предизвикот е тој да продолжи.
Од ВЛЕН се повикуваат и на соработката на Владата со Косово и Албанија, оценувајќи дека поддршката од премиерите Албин Курти и Еди Рама ги демантира тврдењата на ДУИ дека на Албанците им се одземаат права.
Меѓу проектите и прашањата што ги издвојуваат се полагањето испити на албански јазик, Коридорот 8, Универзитетот „Мајка Тереза“, патните правци Тетово – Призрен и Скопје – Блаце, како и системот „One Stop Shop“.
Од ВЛЕН порачаа дека ќе продолжат да работат на остварувањето на правата на Албанците и унапредувањето на употребата на албанскиот јазик. Истовремено, побараа ДУИ да одговори пред граѓаните за начинот на кој, според нив, го користела ова прашање за политички цели.






