Лекарите се загрижени за здравјето на кралицата Елизабета Втора, која од утрово е ставена под медицински надзор, објави Бакингамската палата. Таа во моментов е во својата резиденција во Балморал, во Шкотска. Таму веднаш отпатувале принцот Чарлс и неговата сопруга Камила и принцот Вилијам.
„По дополнителните прегледи ова утро, лекарите на кралицата се загрижени за нејзиното здравје и препорачаа да остане под редовен медицински надзор“, соопшти палатата.
Вчера 96-годишната кралица се повлече од онлајн состанокот на Тајниот совет, оти лекарите ѝ препорачале да мирува.
„Целата земја е длабоко загрижена по последните вести. Моите мисли и мислите на целата Велика Британија се со нејзиното височество“, изјави новата премиерка Лиз Трас.