Рударите во Ангола ископаа розов дијамант, за кој се верува дека е најголемиот пронајден во последните 300 години. Австралискиот оператор на наоѓалиштето во Ангола рече дека розовиот дијамант од 170 карати го добил името Луло Роуз. Дијамантот е пронајден во рудникот „Луло“, во североисточниот дел на земјата, богат со дијаманти и еден од најголемите розови дијаманти некогаш пронајдени.
Историското откритие на дијамантот од типот 2a, еден од најретките и најчисти форми на природни камења, го поздрави Владата на Ангола, која е и партнер во рудникот.
– Овој дијамант ископан во „Луло“ продолжува да ја претставува Ангола како важен играч на светската сцена – рече министерот за минерални ресурси на Ангола, Дијамантино Азеведо. Дијамантот ќе се продава на меѓународна аукција, веројатно, по вртоглава цена.