Гвинет Палтроу на духовит и провокативен начин одговори на бурните реакции што се појавија откако беше објавено дека наводно организира приватна вечера во чест на коосновачот и извршен директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман.
Откако билтенот „Puck“ во четвртокот ја објави наводната покана за вечерата, 53-годишната актерка и основачка на „Goop“ на својот профил на Инстаграм сподели повеќе пародични верзии од поканата.
„Гвинет Палтроу ве поканува на приватна вечера на отворено, во нејзиниот дом, за која нема да се известува во јавноста“, стои на почетокот на поканите, исто како и во оригиналната верзија.
Меѓутоа, наместо вечерата да биде наведена како настан „во чест на Сем Алтман“, Палтроу го заменила неговото име со имиња на измислени ликови, меѓу кои М3ГАН, Саманта Џонс, Шрек, Џесика Ребит и Чанти Белуга.

„Ќе послужуваме бурита со сабјарка и лате со пена од чедар, по нарачка“, напиша актерката во описот на објавата.
Нејзиниот потег предизвика дополнителни реакции, а следбениците почнаа да се прашуваат дали со пародичните покани Палтроу сака да каже дека информацијата е неточна и дека, сепак, нема да биде домаќинка на вечерата за 41-годишниот Алтман.
Сем Алтман е еден од коосновачите на компанијата „ОпенАИ“, која го создаде четботот „ЧетГПТ“. Компанијата беше основана во 2015 година од група претприемачи и истражувачи, меѓу кои беше и Илон Маск.
Според првичниот извештај, вечерата треба да се одржи на 29 август во домот на Палтроу во Амегансет, во американската сојузна држава Њујорк. Наводно, гостите треба да пристигнат на коктели во 18 часот, додека вечерата е планирана 45 минути подоцна.
Дел од корисниците на социјалните мрежи оценија дека објавата на актерката е обид за контрола на штетата предизвикана од негативните реакции.
„Контролата на штетата баш и не ја контролира ситуацијата“, напишал еден корисник, додека друг прашал: „Имате богатство од 200 милиони долари, а ова е најдоброто што можеше да го смисли вашиот тим за односи со јавноста?“
Првичната информација за вечерата предизвика лутина кај дел од нејзините обожаватели, а повеќе корисници ја нарекоа Палтроу „разочарувачка“.
„Смешно е што во оваа нова фаза Гвинет веќе не се ни обидува да скрие дека е негативец“, напишал еден корисник на социјалните мрежи.
Претставникот на Палтроу не одговорил веднаш на барањето на „Page Six“ за коментар, поради што засега нема официјална потврда дали вечерата навистина ќе се одржи и дали Сем Алтман ќе биде почесен гостин.
Ѕвездата на филмот „Вљубениот Шекспир“ и во јуни се соочи со остри критики, откако се појави во реклама за луксузни недвижности во израелски град оддалечен околу 80 километри од Појасот Газа.
Поранешната сопруга на актерот Колин Фирт, Ливија Џуџоли, тогаш јавно ја нападна Палтроу преку остра објава на Инстаграм, оценувајќи дека рекламата е „целосно неприфатлива“.
„Или си толку оддалечена од реалноста што треба да бидеш откажана, бидејќи живееш во некој друг свет, или навистина си многу, многу лоша личност. Или си глупава. Која од овие три работи си ти, Гвинет Палтроу?“, напиша Џуџоли.
Палтроу ниту тогаш јавно не одговори на критиките. Сепак, извор близок до актерката за „Page Six“ изјавил дека таа била изненадена и вознемирена од жестината на реакциите што ги предизвикала рекламата.






