Горан Ѓорѓиев е првиот Македонец регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво

Горан Ѓорѓиев е првиот Македонец регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво

пред 4 часа

Горан Ѓорѓиев именуван за регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво.

„Сојуз на извидници на Македонија со големо задоволство информира дека Горан Ѓорѓиев од Македонија е именуван за регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација. Неговото назначување е по одлука на Генералниот секретар на Светската извидничка организација, донесена по конкурентен меѓународен процес на селекција со интерес од цела Европа и пошироко“, се наведува во соопштението.

Ѓорѓиев има повеќе од 15 години искуство во стратешко лидерство, организациски развој и младинска работа во извидништвот, на национално, регионално и глобално ниво.

Од 2019 година, тој работи во Светското извидничко биро, каде што извршуваше повеќе високи раководни функции, последно како Директор за стратешка координација и организациски развој за Европа, обезбедувајќи поддршка за 47 национални извиднички организации воЕвропскиот регион.

Горан своите основи во извидништвото ги добива во својот одред Извиднички Одред Гоце Делчев од Свети Николе. А пред неговиот ангажман на светско ниво, осум години (2010-2018) Горан Ѓорѓиев ја извршуваше улогата на Генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија, каде што раководеше со извршната канцеларија и ги водеше организациските и програмските приоритети на извидништвото во земјата.

Во овој период, тој активно се вклучува во организација на бројни национални и меѓународни извиднички кампови, смотри, натпревари и обуки, како и во едукација и менторство на стотици млади извидници, водачи и волонтери низ целата држава. Покрај работата со млади на терен, Ѓорѓиев даде значаен придонес и во развојот на младински политики и граѓанско учество, меѓу кои и учеството во процесите за креирање и воспоставување на Националниот младински совет на Македонија.

Тој исто така работеше на развој и имплементација на програми за младинско лидерство, градење капацитети и меѓународна соработка.

За неговото именување, Дијана Слабу, актуелна претседателка на Европскиот извиднички комитет, истакнува: „Горан носи богато искуство во стратешко лидерство и организациски развој, заедно со длабоко разбирање на извидништвото на национално, регионално и глобално ниво. Со нетрпение очекуваме да работиме со него на следното поглавје од развојот на извидништвото во Европа.“

Новата функција Горан ја преземаа денес, при што ќе соработува тесно со Европскиот извиднички комитет и светското раководство на организацијата, со цел понатамошно зајакнување на поддршката за националните извиднички организации и зголемување на влијанието на извидништвото низ Европа.

„Именувањето на Горан Ѓорѓиев на оваа позиција претставува значајно меѓународно признание, имајќи предвид дека станува збор за висока раководна функција во една од најголемите и највлијателни младински организации во светот, со над 50 милиони членови глобално. Фактот што за првпат еден македонски кадар ја презема оваа улога е силна потврда за квалитетот, искуството и капацитетите што произлегуваат од македонското извидничко и младинско движење“, велат од Сојузот на извидници на Македонија.

Текстот Горан Ѓорѓиев е првиот Македонец регионален директор на Европскиот Центар за поддршка на светското извидништво е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top