Грчките власти најавија пакет нови мерки со цел олеснување на сообраќајот и намалување на долгите задржувања на граничните премини Евзони и Кипи, кои се појавија по имплементацијата на новиот европски систем за влез и излез (ЕЕС).
Одлуката е донесена на состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за Македонија и Тракија, Константинос Гулекас, на кој присуствувале претставници на надлежните институции, безбедносните служби и локалните власти.
Од грчкото Министерство за внатрешни работи информираат дека мерките вклучуваат дополнително зајакнување на информатичките системи со цел побрза обработка на контролите, како и разгледување на можноста за поставување привремени технички решенија за олеснување на протокот на патници и возила.
Гулекас истакна дека туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција бележи постојан раст, но дека задолжителната биометриска проверка на секој патник создава дополнителни доцнења на граничните премини.
За денеска се најавени и теренски посети на специјални тимови на премините Евзони и Кипи, со цел да се анализира состојбата и да се утврдат можности за итна примена на дополнителни мерки.
Во меѓувреме, грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, изјави дека земјата мора целосно да ја почитува европската легислатива, но посочи дека добил поплаки од соседните држави, меѓу кои Македонија и Србија, поради застојот што го предизвикува новиот систем.
Тој додаде дека, покрај биометриската регистрација, значителен проблем претставува и застарената инфраструктура на дел од граничните премини, што дополнително ги забавува процедурите во периодот на зголемен сообраќај.






