Технологиите и иновациите што ја обликуваат иднината на современата стоматологија беа во фокусот на IDEX Istanbul International Dental Exhibition and Conference, еден од најголемите и најзначајни стоматолошки настани во регионот, кој деновиве се одржува во Истанбул.
Меѓу професионалците кои активно ги следат светските трендови и новитети се и докторите од стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, кои имаа можност одблиску да се запознаат со најновите генерации материјали, современи методи и решенија што сѐ повеќе наоѓаат примена во секојдневната пракса.
На саемот присуствуваат д-р Наташа Јорданоска, д-р Билјана Пецакова, д-р Маринела Миладиновска и д-р Марија Симончева, кои истакнуваат дека ваквите настани се од клучно значење за следење на развојот на современата стоматологија и директен увид во правците во кои се движи оваа гранка од медицината.
Во рамки на настанот, тие имаа можност да се запознаат со најнови технологии и иновативни материјали – од напредни дигитални скенери и нови генерации стоматолошки материјали, до решенија кои овозможуваат поголема прецизност, подобра ефикасност и покомфорен третман за пациентите.
– За нас, присуството на IDEX Istanbul е многу повеќе од посета на саем. Ова е можност од прва рака да видиме каде се движи современата стоматологија и како тие решенија можат да се применат во нашата секојдневна работа. Секое вакво искуство е инвестиција во знаење, а тоа значи подобар третман и поквалитетна услуга за пациентите – изјави д-р Марија Симончева.
Од центарот „Д-р Баткоски“ нагласуваат дека во современата стоматологија брзината на технолошкиот развој е голема, па затоа континуираната едукација и следење на светските трендови се неопходни за одржување на квалитетот и конкурентноста.
IDEКС Истанбул 2026 се одржува од 15 до 18 април во Istanbul Expo Center и претставува еден од најголемите специјализирани настани за стоматологија, орална хирургија, дентална техника и опрема во овој дел од Европа и Блискиот Исток. Според официјалните податоци, на годинашното издание се очекуваат повеќе од 750 компании, над 7.000 брендови и производи, како и повеќе од 100.000 посетители, со богата програма од над 150 конференции, презентации и стручни курсеви.
Присуството на македонските стоматолози на ваков престижен настан претставува значаен чекор кон унапредување на домашната практика и воведување на најсовремени решенија во грижата за пациентите.





