По повод 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето и Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка до сите деца и згрижувачки семејства, истакнувајќи ја нивната значајна улога во обезбедувањето сигурна и топла семејна средина за децата на кои им е потребна грижа и поддршка.
Проданоски нагласи дека секое дете заслужува да расте во дом исполнет со љубов, разбирање и сигурност, а згрижувачките семејства се пример за хуманост и несебична посветеност.
„Згрижувачките семејства се вистински херои на нашето време. Тие им отвораат дом и срце на децата кои поминуваат низ животни предизвици и им овозможуваат нова надеж, топлина и чувство на припадност“, порача Проданоски.
Тој посочи дека Прилеп е пример за солидарност и општествена одговорност, имајќи предвид дека од вкупно 60 згрижувачки семејства во Пелагонискиот регион, дури 25 се од Прилеп.
„Овој податок е доказ за хуманоста на нашите сограѓани, но и поттик за сите кои имаат можност да размислат за оваа благородна мисија и да станат дел од семејството на згрижувачи“, истакна градоначалникот.
По повод денешниот празник, Општина Прилеп организираше средба со претставници од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства од Битола, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп и згрижувачките семејства од општината.
Проданоски потенцираше дека Општина Прилеп останува посветена на развојот на социјалните политики и поддршката на ранливите категории граѓани преку реализација на проекти и услуги кои придонесуваат за подобар квалитет на живот.
На крајот, тој упати честитки до сите деца со желба да растат среќно, безгрижно и исполнето, како и до сите згрижувачки семејства кои секојдневно покажуваат дека љубовта и грижата можат да променат живот.
„За секое дете да расте во семејство“, порача градоначалникот на Прилеп.






