Димитриеска-Кочоска на „Охрид 2026“: Фискалната консолидација и развојот се градат заедно

Димитриеска-Кочоска на „Охрид 2026“: Фискалната консолидација и развојот се градат заедно

пред 41 минута

Фискалната дисциплина не значи откажување од економскиот развој, порача министерката за финансии, нагласувајќи дека стабилноста, отпорноста, инвестициите и продуктивноста се четирите принципи врз кои се темели фискалната политика на земјата.

Одговорното управување со јавните финансии, постепеното намалување на дефицитот и стратешките инвестиции треба да се спроведуваат паралелно за да се обезбеди одржлив економски раст. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во воведното обраќање на Регионалната конференција „Охрид 2026“, соопшти Министерството за финансии.

Таа предупреди дека глобалното економско опкружување останува исклучително сложено. Геополитичката неизвесност, повисоките цени на енергијата, ограничувањата во глобалната трговија и построгите финансиски услови, според министерката, оставаат директни последици врз економиите од Западен Балкан. Овие околности го ограничуваат и фискалниот простор, односно можноста на државите да обезбедат финансиски одговор на секој нов шок.

„Една од најважните лекции од последните години е дека фискалниот простор мора да се создава пред да биде потребен. Фискалната отпорност не се гради во моментот кога кризата ќе започне. Таа се гради претходно, преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и повисок квалитет на јавната потрошувачка“, порача Димитриеска-Кочоска.

Министерката посочи дека токму таквиот пристап е основа на среднорочната фискална политика на земјата. Според неа, навременото зајакнување на јавните финансии е неопходно за државата да може да одговори на идните предизвици и истовремено да ги поддржува развојните потреби.

Осврнувајќи се на последиците од пандемијата и енергетската криза, таа нагласи дека преземената фискална поддршка придонела за зголемување на јавниот долг. Во услови на постојана неизвесност и фрагментација на глобалната економија, балансирањето меѓу реалните потреби и расположливите можности претставува сериозен предизвик за јавните финансии.

Поради тоа, како што истакна, Владата избрала пат на постепена и одговорна фискална консолидација. Паралелно со намалувањето на фискалните нерамнотежи, посветеноста е насочена и кон надминување на слабостите од минатото во планирањето и управувањето со јавните инвестиции.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека фискалната консолидација не смее да биде механички процес на намалување на расходите. Таа укажа и дека поефикасната наплата на приходите не треба да произлегува од зголемување на товарот врз граѓаните и компаниите што веќе редовно ги исполнуваат своите обврски.

Во обраќањето, министерката ја истакна потребата економиите од регионот да постигнуваат повисоки стапки на раст. Притоа, оцени дека растот треба да биде воден од продуктивноста, наместо да се потпира само на поголема потрошувачка.

Како особено значајни ги издвои стратешките инвестиции во инфраструктурата и енергетиката. Потребата од вакви вложувања ја поврза и со климатските промени, кои, според нејзиното обраќање, годинава особено го погодиле европскиот континент.

„За земјите од Западен Балкан, стабилноста и растот не се спротивставени цели. Тие мора да се градат заедно. Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот. Инвестициите не значат занемарување на долгот. Социјалната заштита не значи трајно зголемување на неефикасните расходи“, истакна министерката.

Политиката што ја следи земјата таа ја опиша преку четири принципи: стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност. Нагласи дека и земјите што не се членки на еврозоната се дел од европската економска реалност и се изложени на нејзините предизвици.

„Затоа нашата одговорност е да изградиме јавни финансии кои ќе бидат доволно стабилни да ги апсорбираат шоковите, но и доволно флексибилни да го поддржат развојот“, порача Димитриеска-Кочоска.

Таа повика на создавање економии со сопствен капацитет за раст, кои ќе бидат подобро подготвени за надворешните кризи и ќе можат долгорочно да го поддржуваат развојот.

Share
Scroll to Top