Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари средба со Лаура Хостели од Канцеларијата за техничка помош на Министерството за финансии на САД, на која биле разгледани тековната поддршка и проектите насочени кон унапредување на даночниот и царинскиот систем.
Како што информира Димитриеска-Кочоска, американската техничка помош претставува значаен партнер во јакнењето на институционалните капацитети и модернизацијата на финансиските системи.
„И денес, дел од основите на системот за буџетско планирање што ги користиме се поставени токму со поддршка од САД“, посочи министерката.
Таа нагласи дека соработката ќе продолжи во насока на создавање современ, ефикасен и силен систем на јавни финансии, како и институции со капацитет навремено да одговорат на потребите на граѓаните и економијата.
„Продолжуваме да ја јакнеме соработката со Трезорот на САД во насока на градење уште посилни и поефикасни јавни финансии“, порача Димитриеска-Кочоска.






