Димитриеска-Кочоска: Царинските олеснувања отвораат простор за посилен индустриски раст

Димитриеска-Кочоска: Царинските олеснувања отвораат простор за посилен индустриски раст

пред 4 часа

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше дека Владата на денешната седница го усвоила Предлогот за измена на Законот за Царинска тарифа, со кој се предвидува дополнително намалување на царинските стапки и нивно целосно усогласување со стапките што се применуваат во Европската Унија.

Како што посочи Димитриеска-Кочоска, измените претставуваат продолжение на минатогодишните законски измени кои стапија на сила на 1 јули 2025 година, кога беше извршено намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на царините во ЕУ.

Со новите измени се опфатени суровини, репроматеријали и компоненти што ги користат домашните производствени капацитети за производство на високо финални производи, со цел да се зголеми извозната конкурентност на македонската индустрија.

„Со оваа законска измена се реализираат определбите од Програмата за работа на Владата 2024–2028 година, во делот на постепена хармонизација на царинските стапки со стапките што се применуваат во Европската Унија, прилагодени на извозно-увозните потреби на македонската економија“, посочи министерката.

Таа додаде дека измените биле подготвени во консултација со Стопанската комора на Република Северна Македонија и претставуваат продолжување на царинската политика насочена кон поддршка на домашната бизнис заедница и зајакнување на конкурентноста на преработувачката индустрија.

Со Предлог-законот се предвидува целосно усогласување на дел од царинските стапки со нивото на стапките што важат во Европската Унија, со што дополнително се унапредува усогласеноста со Царинската тарифа на ЕУ, имајќи ги предвид и правилата на Светската трговска организација.

Според Димитриеска-Кочоска, мерката директно ќе придонесе за поддршка на автомобилската, металопреработувачката индустрија и металургијата, а се очекува позитивно влијание и врз зголемувањето на извозот, девизниот прилив, инвестициите и бројот на вработувања.

Со намалувањето на царинската стапка за 70 стоки, се очекуваат значајни долгорочни ефекти врз економскиот раст, индустриското производство и извозната конкурентност на државата.

Share
Scroll to Top