Димитровски: За Битола вреди да се вложи труд, време и цело срце

Димитровски: За Битола вреди да се вложи труд, време и цело срце

пред 1 час

Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, преку јавно обраќање упати критики кон, како што наведе, „лажните вести и кочничарите“ кои ја критикуваат реализацијата на велосипедската инфраструктура во градот.

Димитровски посочи дека Битола конечно станува „вело град“, нагласувајќи дека секојдневно голем број граѓани ги користат велосипедските патеки и реконструираните тротоари на булеварите „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“, а најави и нови проекти за изградба на велосипедска инфраструктура во други делови од градот.

Тој се осврна и на дефектот на водоводната мрежа на улицата „Васко Карангелевски“ во Нова Битола, кој предизвика поплавување на тревните површини и дел од велосипедската патека. Според него, ЈП „Водовод“ интервенирало согласно своите надлежности за да обезбеди непречено водоснабдување за граѓаните, а по завршувањето на интервенцијата теренот ќе биде вратен во првобитна состојба.

„Жалам што бившата советничка во нејзиното дефокусирано обраќање на јавноста пишува дека е проблем што се раскопало за да се санира дефектот, но истовремено за неа е проблем и самиот дефект кој ги остави граѓаните без вода“, наведува Димитровски.

Во обраќањето, тој истакна дека граѓаните ја избрале реализацијата наместо, како што вели, „кочници, герила акции и видеа со кои се исмева својот град“, додавајќи дека градоначалникот Тони Коњановски ја добил довербата за втор мандат поради резултатите и посветеноста.

Димитровски порача дека локалната самоуправа продолжува со реализација на проекти за спортска, сообраќајна и комунална инфраструктура, како и инвестиции во индустриските зони, со цел создавање „поубава Битола“.

Share
Scroll to Top