Димитровски: Развојот на Битола не е само асфалт – културата е идентитет на градот

Димитровски: Развојот на Битола не е само асфалт – културата е идентитет на градот

пред 6 часа

Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, преку објава на социјалните мрежи упати реакција по, како што наведе, „неумесни квалификации“ изнесени од страна на советник во Советот на Општина Битола, поврзани со културните настани и развојот на градот.

Во својата објава, Димитровски посочува дека не се согласува со, како што вели, обидите за девалвирање на културните манифестации кои во изминатите години станале препознатлив белег на градот. Како примери ги наведе зимскиот фестивал „Зимска приказна“, битолското културно лето „Битфест“, како и бројните културни настани организирани од институции и граѓански здруженија со поддршка на Општина Битола.

Тој оценува дека во јавноста се прави погрешна споредба и „замена на тези“ дека прво треба целосно да се решат инфраструктурните проблеми, а дури потоа да се инвестира во културата и уметноста.

„Граѓаните заслужуваат современа инфраструктура, но исто така и врвна култура, спорт, здравство и образование, односно рамномерен развој на сите полиња на што посветено работиме како локална самоуправа изминатите четири и пол години“, наведува Димитровски.

Во објавата тој презентира и бројки поврзани со општинскиот буџет за 2026 година, посочувајќи дека за инфраструктурни проекти се предвидени над 900 милиони денари, додека за култура се издвојуваат нешто помалку од 40 милиони денари.

Според него, тоа значи дека средствата за култура се околу 22 пати помали од оние за инфраструктура и претставуваат 1,9 проценти од вкупниот буџет на Општина Битола.

Димитровски дополнително нагласува дека културниот идентитет на Битола претставува важен сегмент од развојот и имиџот на градот, потсетувајќи дека неодамна градот бил посочен меѓу петте европски локации кои вреди да се посетат.

Тој порачува дека почитувањето на вредностите и културното наследство на сопствениот град претставува дополнителна причина Битола да биде препознаена и почитувана во европски и светски рамки.

Share
Scroll to Top