Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, соопшти дека Советот за етика во медиумите на Македонија утврдил прекршување на професионалните и етичките стандарди во текстот објавен на веб-страницата на ТЕРА ТВ со наслов „Исти луѓе, иста адреса, една фамилија – кој управува со Битола?“.
Димитровски информира дека поднел жалба до Советот за етика, поради, како што наведува, тенденциозни напади насочени кон него, КУД „Илинден“, „Трчај бе“ и АК „Олимп“.
„Советот утврди дека мојата жалба е основана и заклучи дека со текстот се прекршени членовите 1 и 13 од Кодексот на новинарите на Македонија, како и одредби од Насоките за етичко известување на онлајн медиумите“, наведува Димитровски.
Според одлуката, прекршувањата се однесуваат на необјавување точни и проверени информации, како и на недоволно јасно разграничување меѓу факти и мислења.
Димитровски посочува дека во своето работење секогаш се залагал за транспарентност и професионален однос и додава дека е отворен за комуникација со граѓаните, новинарите и сите засегнати страни.
Тој оценува дека, како што наведува, „лажните обвинувања“ биле манипулативни и насочени кон нарушување на неговиот личен и семеен интегритет.
„КУД „Илинден“, „Трчај бе“ и АК „Олимп“ ќе продолжат да придонесуваат во културниот, спортскиот и социјалниот живот во Битола“, истакнува Димитровски.
Одлуката на Советот за етика е објавена на официјалната веб-страница на СЕММ






