Димовска: Пробацијата не е подарок, туку пат кон ресоцијализација и враќање на осудениците во општеството

Димовска: Пробацијата не е подарок, туку пат кон ресоцијализација и враќање на осудениците во општеството

пред 2 часа

Пробацијата не претставува привилегија или неказнивост, туку начин на извршување санкција под надзор, со цел осуденото лице да се ресоцијализира. Ова го порача претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, во интервју за „360 степени“.

Според неа, затворската казна не треба да биде единствениот одговор за секој сторител на кривично дело. Условната осуда со заштитен надзор може да овозможи враќање во општеството, но нејзиното изрекување бара внимателна процена на конкретниот случај и ризиците.

Податоците што ги објавува „360 степени“ покажуваат дека речиси седум од десет предмети за алтернативни мерки се во скопскиот Кривичен суд. Димовска оценува дека тоа е и обврска за најголемиот суд да ги применува современите механизми за извршување санкции.

Таа посочува дека постои простор за поширока примена на пробацијата и во другите градови. За тоа, според неа, се потребни подобрување на системот, поквалитетни извештаи за процена на ризикот и поголема доверба од јавноста.

Димовска не се согласува со оцените дека воздржаноста на дел од судиите произлегува од недоволна едукација. Таа прави разлика меѓу неедуцираност и внимателност, нагласувајќи дека судиите мора да ги разгледаат сите околности пред да изречат алтернативна мерка.

Во однос на неискористените електронски алки за куќен затвор, претседателката на судот го лоцира проблемот во строгите законски ограничувања и недостигот од прецизни правилници за примената на мерката.

Таа го разбира сомнежот кај граѓаните кога сторител на кривично дело добива санкција што не подразбира одење во затвор, но нагласува дека пробацијата подразбира правила и контрола. Нејзината главна цел, според Димовска, е осудениците да се вратат во општеството ресоцијализирани.

Share
Scroll to Top