Дијана Имери-Илкоска ќе диригира во Грузија

Дијана Имери-Илкоска ќе диригира во Грузија

пред 1 година

Македонската диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, на 6 ноември ќе диригира во Грузија, каде што ќе настапи заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ во Тбилиси.

Имери-Илкоска доби специјална покана од престижниот Камерен фестивал на Тбилиси, кој секоја година од 2 до 6 ноември се одржува во Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“.

Имери-Илкоска, всушност, настапува на финалниот концерт на фестивалот, кој во Тбилиси и воопшто во Грузија се смета за еден од најзначајните настани за љубителите на класичната музика.

„Со нетрпение го очекувам моето гостување во Тбилиси, пред сè, поради тоа што ме очекува соработка со врвни солисти и со престижниот оркестар, кој ме покани со концерт свечено да го затворам Камерниот фестивал за класична музика. Ваквите покани за мене се потврда дека она што го работите со огромна љубов, посветеност и стремеж кон вистински квалитет надалеку се слуша и не може да остане незабележано“, вели Имери-Илкоска.

Заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ како солисти ќе настапат тројцата пијанисти, кои зад себе имаат завидна кариера: Давид Аладашвили (Грузија), Мариана Ахба (Грузија/Франција) и Луис Швицгебел Ванг (Швајцарија). Ќе бидат изведени увертирата од „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, Концертот за две пијана од Моцарт, како и Концертот за две пијана од Франсис Пуланк.

 

Текстот Дијана Имери-Илкоска ќе диригира во Грузија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top