Диџеј сетови на Ана Мало и Гемза од железничката станица во Скопје

Диџеј сетови на Ана Мало и Гемза од железничката станица во Скопје ќе го одбележат пристигнувањето на европскиот воз

пред 3 години

Вечерва со почеток од 21:00 часот, во чест на одбележување на Европската година на железницата, преку „Јутјуб“ и „Фејсбук“ каналите на „Терапија“ ќе ве забавуваат диџеите Ана Мало и Гемза, кои ќе настапат од Железничката станица во Скопје.

Настанот е во организација на Европската куќа во Скопје и Делегација од Европската унија, а локацијата е избрана уште на 13 септември по повод пристигнувањето на европскиот воз ConnectingEuropeExpress кој мина преку 26 земји, почнувајќи од Лисабон.

Тој неделава пристигна во Париз и со тоа симболично се одбележа 2021 година како Европска година на железницата.

За потсетување, авторот на железничката станица Скопје е јапонскиот архитект Кензо Танге и таа била изградена помеѓу 1971 и 1981 година, а првиот воз пристигнал во Транспортниот центар на 27 јули 1981 година.

Таа е исто така, дел од мега структурата „Градска порта“ која не доживеа целосна реализација.

Интересно е да се нагласи дека ова е најголемата мостовска конструкција во земјата, но и одличен пример за бруталистичката архитектура во главниот град.

Share
Scroll to Top