Една невнимателност во автомобил може скапо да ве чини во Грција: казни и за возачот и за патниците

Една невнимателност во автомобил може скапо да ве чини во Грција: казни и за возачот и за патниците

пред 2 часа

Македонските туристи кои ова лето планираат одмор во Грција треба добро да се информираат за сообраќајните правила, бидејќи една наизглед мала грешка може да ги чини стотици евра. Станува збор за користењето на сигурносен појас – правило кое таму важи строго за сите во возилото, а одговорноста не е само кај возачот.

Со новиот Закон за безбедност во сообраќајот, грчките власти воведоа построги казни и јасно ја проширија одговорноста и на патниците. Тоа значи дека ако некој во автомобилот не е врзан, ќе биде казнет и самиот патник, но и возачот – дури и ако возачот го почитува правилото.

Според новите прописи:

Ако возачот не носи појас, следува казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена

Ако патник не носи појас, се изрекува казна од 150 евра за него, но и 150 евра за возачот

Во пракса, тоа значи дека ако во возилото има повеќе патници без појас, вкупната казна може лесно да достигне и до 800 евра.

Дополнително, за повторени прекршоци казните стануваат уште построги:

Втор прекршок во рок од пет години – 1.000 евра и одземање дозвола на 180 дена

Трет прекршок – 2.000 евра и одземање дозвола на една година

Многумина не знаат дека истите правила важат и ако се возите во такси. Ако патник не носи појас, ќе плати казна од 150 евра, но и возачот на такси ќе биде казнет со ист износ, без разлика дали тој самиот е врзан.

Грчките власти ја заострија регулативата бидејќи статистиките покажуваат дека голем број патници и понатаму не користат појаси, што значително го зголемува ризикот од тешки повреди при несреќи. Истражувањата јасно покажуваат дека користењето појас е еден од најефикасните начини за намалување на последиците при судир.

И во Македонија носењето појас е законска обврска, но казните се значително пониски. Возач кој не е врзан плаќа околу 40 евра, додека патник без појас се казнува со околу 50 евра.

Клучната разлика е што кај нас одговорноста е индивидуална – секој патник си ја плаќа својата казна. Исклучок се децата, каде одговорноста паѓа на возачот.

Со оглед на строгите правила во Грција и засилените полициски контроли, туристите треба да внимаваат на ваквите „ситници“ кои лесно можат да го расипат одморот.

Правилото е едноставно: сите во автомобилот мора да бидат врзани. Во спротивно, казната може да биде сериозна – и за возачот и за патниците.

Share
Scroll to Top