googletag.cmd.push(function() { googletag.display(‘div-gpt-ad-1566809029200-0’); });
Британската кралица Елизабета Втора (95) вчера во својата резиденција во Сандрингам прослави 70 години од нејзиното доаѓање на тронот во 1952 година, пренесоа светските агенции. По тој повод таа изјави дека би сакала војвотката од Корнвол, Камила Паркер, да ја добие титулата кралица кога принцот Чарлс ќе стане крал, пренесува Би-би-си.
„Кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека ќе му ја дадете и нему и на неговата сопруга Камила истата поддршка што ми ја дадовте мене. Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како сопруга кралица“, напиша кралицата Елизабета.
Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица доколку Чарлс стане крал, но поради јавното мислење се сугерираше дека Камила би можела да ја добие титулата „сопруга принцеза“, што беше официјална позиција кога принцот Чарлс се ожени со Камила во 2005 година.
Кралицата Елизабета е првиот британски монарх кој ќе ја прослави платинестата годишнина од нејзиното доаѓање на тронот, но немаше никаква официјална церемонија, бидејќи таа ја поминува годишнината од смртта на нејзиниот сопруг во приватност.
Таа во својата резиденција приреди мал прием за претставници на локалната заедница и група волонтери. Меѓу гостите беше и Ангела Вуд, која посетуваше училиште за готвење во 1953 година и помогна да се создаде специјално јадење со пилешко месо и кари по повод доаѓањето на тронот на Елизабета Втора. Своите гости ги пречека во светло син фустан, а пресече специјално подготвена торта од еден локален жител и слушаше музичка изведба од локален бенд.
Таа најави дека на почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, концерт, улични прослави, масовен пикник и „натпревар во платинест пудинг“. Тогаш и офиицјално ќе ја прослави 70-годишнината од нејзиното владеење, кога ќе ја одбележи со специјално изработени монети.