Организацијата Еко-свест ја најавува следната Еко трампа под мотото „На ти го, дај ми го“, која ќе се одржи на 14 февруари (сабота) во Бистро Комедија, од 12 до 15 часот.
Во свет во кој доминира брзата потрошувачка, овој настан им нуди на граѓаните алтернативен и свесен начин на размислување. Наместо купување нови производи, Еко трампата поттикнува кружна економија и заедница базирана на споделување и грижа за околината.
Зошто да бидете дел од Еко трампата? Настанот е дизајниран за секој кој сака да направи позитивна промена. Учесниците ќе имаат можност:
● Да го победат конзумеризмот: Наместо трошење пари, се користи размена.
● Да го растеретат домот: Ослободете се од предмети кои долго не сте ги користеле.
● Да израдуваат некој друг: Вашиот стар предмет може да биде нечие ново „богатство“.
● Да се поврзат: Запознајте истомисленици кои се грижат за одржлива иднина.
Како функционира процесот? Системот на размена е едноставен и фер:
1. Секој учесник може да донесе до 5 предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати и слично).
2. За секој донесен предмет се добива купон за размена.
3. Со купонот, учесникот избира „нов“ предмет од понудата донесена од другите учесници.
Како дополнителен мотив за дружење, секој учесник ќе добие бесплатно кафе, овозможувајќи простор за пријатен разговор и размена на идеи во опуштена атмосфера.
„Многу сум среќна што во мојот град има толку многу луѓе што ја препознаа целта на Еко-трампата. Покажавме дека убавата енергија и дружбата можат да се остварат преку добри одржливи еко практики избегнувајќи го конзумеризмот и отварајќи се за наша поубава иднина. Првата Еко-трампа ми ги надмина очекувањата, се надевам така ќе биде и со оваа“, вели Милијана Богданоска, правник за животна средина во Еко-свест.
Таа ги покани сите граѓани да се придружат, да ја негуваат културата на повторна употреба и заедно да направиме нешто добро за нашата планета и нашето општество.
Текстот Заборавените предмети добиваат нов живот: Еко-свест организира Еко трампа „На ти го, дај ми го“ е превземен од МАКФАКС.





