Зоолошката градина во Украина во градот Харков објави дека најверојатно ќе мораат да ги успијат лавовите, мечките и другите големи животни, откако нивните живеалишта беа целосно уништени од бомбардирањето на руската војска.
Фелдман Екопарк издаде соопштение во кое рече дека не успеал да најде привремено сместување за нив и дека единствена опција е еутаназија.
Паркот се плаши дека предаторите, меѓу кои има и лавови, тигри, пантери, јагуари и мечки, можат да побегнат од живеалиштата и да почнат слободно да се шетаат низ градот и блиските села.
„Незамисливо е и болно да се зборува за ова, но наш главен приоритет во моментов се животите на луѓето“, рече Фелдман.
На видеото кое го објавија од Зоолошката се гледаат уништените живеалишта на животните.
„Како што можете да видите, уште малку и лавовите ќе можат да излезат од таму“, пишува на видеото, а пренесе „Инсајдер“.
Во објавата, Зоолошката градина повторно повика на помош во евакуацијата на животните, велејќи дека еутаназијата е екстремна мерка која се надеваат дека нема да мора да ја применат.
Сепак, преместувањето на големите мачки и мечки е операција која бара посебен транспорт и голем број на луѓе, рече Фелдман.
Зоолошката градина исто така забележа висок процент на веројатност дека преместувањето може да го привлече вниманието на руските сили кои би можеле повторно да го гранатираат ова подрачје.
Можеби се уште постои надеж за животните од Зоолошката. Од паркот објавија и дека добиле голем број пораки од Украинците ширум земјата, кои нуделе начини за транспорт и кафези. Од Зоолшката исто така објавија дека досега почнала евакуација на само два лава, јагуар и пантер.
„Транспортот веќе ни стигна и набавени се неопходни кафези и луѓе кои не се плашат да ги изнесат животнтие од зоната на стрелање. Подготвени се да ги прифатат нашите миленици на голем број места. Се разбира и понатаму е тешко и процесот само добива на замав“, велат од паркот наведувајќи дека им е потребна и дополнителна помош во логистика, храна за животните, финансии и човечки ресурс.