Многу корисници ја бараа оваа функција, а Инстаграм конечно им ги исполни желбите.
Инстаграм конечно ги послуша своите корисници: популарната социјална мрежа воведува нова функција „Историја на гледање“, која ви овозможува да ги прегледате сите видеа од Reels што сте ги гледале претходно, дури и ако не сте ги лајкнале, зачувале или споделиле.
Досега, ако случајно сте скролувале преку интересно видео од Reels и сте заборавиле да го зачувате, беше речиси невозможно повторно да го пронајдете. Новата функција го решава токму тој проблем.
Како што објаснува извршниот директор на Инстаграм, Адам Мосери, многу корисници барале начин да ги пронајдат видеата што претходно ги гледале, но не ги зачувале, а оваа функција е директен одговор на тие барања.
Функцијата „Историја на гледање“ ќе биде достапна во делот „Ваша активност“. За да пристапите до неа, треба да го отворите вашиот профил, да ги допрете трите реда во горниот десен агол, потоа да изберете „Ваша активност“ и да ја пронајдете Историјата на гледање.
Корисниците ќе можат да ги видат сите претходно гледани видеа подредени хронолошки, како и да ги сортираат според времето на гледање или авторот. Тие исто така ќе можат да избришат поединечни ставки или целата историја одеднаш.
Новата функција се воведува постепено и треба да биде достапна за сите корисници ширум светот во наредните недели.
Фото: Принтскрин
Текстот Инстаграм конечно ја добива функцијата што сите ја сакаат е превземен од МАКФАКС.





