Инстаграм суспендира профили поради тајно снимање со паметните очила на Meta

Инстаграм суспендира профили поради тајно снимање со паметните очила на Meta

пред 3 часа

Инстаграм започна построго да ги применува правилата за заштита на приватноста, при што се санкционираат профили кои објавуваат видеа од луѓе тајно снимени со паметните очила на Meta.

Мерките следуваат по зголемениот број содржини во кои креатори ги користат очилата за снимање без знаење или согласност на лицата пред камерата. Меѓу спорните видеа се несакани „шеги“ со вработени во услужниот сектор, како и случаи во кои жени биле снимани на јавни места без нивно знаење.

Шефот на Instagram, Адам Мосери, ја потврди политиката, нагласувајќи дека платформата нема да толерира содржини што се засноваат на искористување или вознемирување на други луѓе. Според информациите, веќе биле трајно деактивирани неколку профили со значителен број следбеници чија содржина во голема мера се темелела на вакви снимки.

Проблемот не е ограничен само на Instagram. Meta презема мерки и на ниво на самиот уред. Паметните очила имаат LED индикатор кој треба да им покаже на луѓето во близина дека камерата снима. Дел од корисниците, сепак, се обидувале да го прикријат или онеспособат светлото со прелепување, боење или физичко оштетување.

Како одговор на ваквите обиди, Meta воведе софтверска заштита. Кога системот ќе открие дека LED индикаторот е попречен, пристапот до камерата се блокира и снимањето се оневозможува.

На овој начин компанијата се обидува да воспостави заштита на две нивоа – преку самиот хардвер и софтвер на очилата, но и преку санкционирање на содржините и профилите на Instagram.

Прашањето за приватноста одамна е еден од најголемите предизвици за паметните очила. Уште со појавата на Google Glass технологијата предизвика реакции поради можноста луѓето релативно незабележливо да ги снимаат оние околу себе. Сличните критики сега се насочени и кон новата генерација паметни очила.

За Meta проблемот е особено важен бидејќи компанијата истовремено учествува во развојот на хардверот и управува со Instagram, една од најголемите платформи преку кои таквите снимки можат да стигнат до огромна публика. Тоа ѝ овозможува да интервенира и на самиот уред и при дистрибуцијата на содржината.

Сепак, остануваат одредени слабости. LED индикаторот може да биде тешко забележлив при силна дневна светлина дури и кога функционира правилно. Поради тоа, развојот на идните паметни и AR-очила веројатно ќе бара дополнителни решенија што јасно ќе им покажуваат на луѓето кога се снимани, без притоа значително да се наруши функционалноста на уредите.

Share
Scroll to Top