Инфантино под силен притисок? Наводно барал помош од Трамп за да ја задржи претседателската функција во ФИФА

Инфантино под силен притисок? Наводно барал помош од Трамп за да ја задржи претседателската функција во ФИФА

пред 5 часа

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наводно се соочува со сериозен притисок околу својата позиција на чело на светската фудбалска организација, а според американскиот весник New York Post, во обид да ја зацврсти својата позиција побарал политичка поддршка од највисоките американски претставници.

Според истиот извор, Инфантино во неколку наврати се обидел да стапи во контакт со американскиот претседател Доналд Трамп, но наводно не успеал да оствари директна комуникација. Потоа, како што се наведува, побарал итна средба со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Причината за растечкиот притисок врз првиот човек на ФИФА, според New York Post, е поврзана со наводен план за продажба на малцински удел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори.

Повикувајќи се на извори запознаени со случајот, весникот наведува дека преку ваквиот модел Инфантино планирал да обезбеди годишна плата од околу 30 милиони американски долари, дополнета со значителни бонуси.

Откако информациите за ваквиот наводен план излегле во јавноста, следувале критики од повеќе национални фудбалски федерации, а неговата позиција во рамките на ФИФА дополнително ослабела.

Американскиот медиум додава дека барањето политичка поддршка во САД кај дел од фудбалските кругови било оценето како потег на очај, што дополнително ги засилило шпекулациите за иднината на Инфантино како претседател на ФИФА.

Засега од ФИФА нема официјален коментар за овие наводи, ниту, пак, потврда дека Инфантино навистина се обидел да обезбеди поддршка од американските власти.

Share
Scroll to Top