Како за прв настап на Скопско лето, супер си поминавме: Дуото „Тренев и Вајс“ по настапот во Скопје

Како за прв настап на Скопско лето, супер си поминавме: Дуото „Тренев и Вајс“ по настапот во Скопје

пред 3 години

Вчеравечер на платото пред Музејот на холокаустот во рамките на Скопско лето се одржа концертен настап на дуото „Тренев и Вајс“ со Иван Тренев на хармоника и Австриецот Мориц Вајс на кларинет и бас-кларинет.

Настапот насловен со името „Клезтанго енд бијонд“, се одржа во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и австриска амбасада во Македонија.

Меѓу присутните беше австрискиот амбасадор, како и поранешната пратеничка Лилјана Поповска и нејзината мајка.

Хармоникашот Иван Тренев парарелно говореше на македонски и германски јазик. Тој веќе подолг период живее и работи во Грац, Австрија. Така дошол до соработка со кларинистот Мориц Вајс, која трае веќе три години.

„Како за прв настап на Скопско лето, супер си помимавме. Концертот го планиравме уште од минатиот февруари. За жал, сите знаеме како изгледаше 2020, па и 2021. Премногу сум среќен што успеавме да ја реализираме нашата замисла, кога велам нашата, мислам и на одговорните лица од Музејот на холокаустот и на австриската амбасада во Скопје, без чијашто поддршка овој концерт никогаш немаше да се случи. Исто така, сакам да изразам огромна благодарност до организацијата на Скопско лето, коишто со својата гостопримливост се погрижија да се чуствуваме како дома“, вели Иван од „Тренев и Вајс“ за „Репортер“.

На прашањето од каде потекнува приказната за нивното дуо, Тренев ни откри дека настанало во 2018 година, откако се запознале на еден концерт каде што Вајс настапуваал со неговото трио. Кратко разговарале и по неколку месеци се случиле првите проби, како и првиот концерт. Како што вели тој, некако се нашле и биле на иста бранова должина, поради тоа што и објацата доаѓаат од класичниот свет, но и секогаш се отворени за нови правци и жанрови. Според него, најверојатно оттука потикнува и изворот на нивната инспирација. Да ја спојат целата нивна музичка позадина со традиционалната еврејска музика.

Вајс, пак, од друга страна, вели дека за првпат е во родната земја на неговиот најдобар пријател од светот на музиката. Тој ни откри дека прекрасно е чувството да биде тука.

„Со Иван свириме заедно во дуо веќе 3 години и доста ми имаше раскажано за Македонија. Многу се радувам што сум конечно тука. Се чини како да запознавам нов дел, нова личност од мојот колега, како што досега го немам запознаено“, вели Вајс, па додава: „Иван во секој проект придонесува со своето професионално и шармантно влијание, без разлика дали се работи за дуо или за поголем проект. Многу сум среќен што работам со еден музичар како Иван. Јас сум од Австрија и не сум израснат со музиката од источна Европа, но Иван доста работи ми пренесе и покажа, од што јас до сега можам многу да профитирам.“

Концертот започна и заврши со македонски мелос. Од „Ој девојче, девојче“ до „Фато, мори душманке“, каде и обајцата запеаја на македонски и ја разиграа публиката, одејќи меѓу присутните.

Тренев откри дека е среќен што ситуацијата со пандемијата е подобра, па по овој настап ќе следат уште неколку низ Европа, и тоа во Германија, Полска и Австрија. Се надева дека ќе има уште настапи во Македонија, бидејќи најмногу го исполнува свирењето пред домашната публика.

Марија Прличкова

Share
Scroll to Top