Како правилно да се хидрирате во лето

Како правилно да се хидрирате во лето

пред 2 часа

Кога температурите ќе надминат 30 степени Целзиусови, организмот губи значително повеќе течности отколку вообичаено, најмногу преку потење. Дури и благата дехидратација може да предизвика замор, главоболка, вртоглавица и намалена концентрација, предупредуваат експертите.

Едно од најчестите прашања во летниот период е колку вода навистина му е потребна на организмот и дали престојот на плажа дополнително ја зголемува потребата од внесување течности.

Според стручњаците, не постои универзално правило што важи за сите. Познатата препорака за осум чаши вода дневно може да послужи само како општа насока, бидејќи потребите зависат од телесната тежина, возраста, здравствената состојба, физичката активност и временските услови.

Лекарите советуваат да не се чека чувството на жед, бидејќи тоа веќе е знак дека организмот почнал да губи значителна количина течности.

Престојот на плажа го зголемува ризикот од дехидратација поради високите температури и директното изложување на сонце. Дополнително, морскиот ветер создава чувство на свежина, па многумина не забележуваат колку течности губат преку потење.

Затоа се препорачува водата да се пие редовно и во помали количини, наместо одеднаш кога ќе се појави силна жед.

Иако водата е најдобриот избор за хидратација, таа не е единствената опција. На хидратацијата придонесуваат и минералната вода, незасладените билни и овошни чаеви, лимонадата со малку шеќер, млекото и јогуртот, како и овошјето богато со вода, меѓу кое лубеницата, дињата, праската, портокалот и јагодите.

Газираните пијалаци можат да создадат чувство на освежување, особено кога се добро изладени, но најголемиот дел од нив содржат големи количини шеќер. Прекумерниот внес на шеќер може дополнително да ја засили жедта, а кај некои луѓе овие пијалаци предизвикуваат надуеност и непријатност, што уште повеќе го отежнува поднесувањето на високите температури.

Првите знаци на дехидратација се сува уста, потемна урина, замор и главоболка. Доколку состојбата се влоши, може да се појават вртоглавица, забрзана работа на срцето, грчеви во мускулите и чувство на слабост.

Еден од наједноставните показатели за добра хидратација е бојата на урината – светлата боја најчесто укажува дека организмот е доволно хидриран, додека потемната може да биде сигнал дека е потребен поголем внес на течности.

Share
Scroll to Top