Кајли Миног откри дека по вторпат се борела со рак: „Бев само сенка од самата себе“

Кајли Миног откри дека по вторпат се борела со рак: „Бев само сенка од самата себе“

пред 7 часа

Австралиската поп-ѕвезда Кајли Миног првпат јавно откри дека во 2021 година повторно ѝ бил дијагностициран рак, повеќе од 15 години по нејзината прва битка со ракот на дојка.

Пејачката за досега непознатата здравствена состојба зборува во новиот документарен филм „Кајли“, кој од денес е достапен на Нетфликс.

„Мојата втора дијагноза на рак беше на почетокот на 2021 година. Успеав тоа да го задржам за себе… Не како првиот пат“, изјави Миног, потсетувајќи дека нејзината прва дијагноза во 2005 година беше под огромно медиумско внимание.

Таа откри дека повторно успешно ја надминала болеста, но психичкиот товар оставил сериозни последици.

„Не чувствував обврска да му кажам на светот, а искрено не можев ниту во тој момент, бидејќи бев само сенка од личност. Во еден период не сакав ни да излегувам од дома“, призна пејачката.

Миног објасни дека дури и огромниот успех на нејзиниот хит „Padam Padam“, кој во 2023 година ѝ донесе и награда „Греми“, не успеал целосно да ја ослободи од чувството на страв и исцрпеност што го носела во себе.

„‘Padam Padam’ ми отвори многу врати, но длабоко во себе знаев дека ракот не беше само краток период во мојот живот. Сакав конечно да кажам што се случи за да можам да го оставам зад себе“, рече таа.

Пејачката откри и дека песната „Story“ од албумот „Tension“ е инспирирана токму од тој тежок период. Во песната се појавуваат стихови кои алудираат на личната борба и обидот повторно да се врати на сцената и во нормален живот.

Во документарецот, Миног нагласува дека одлуката да проговори јавно за болеста е исклучиво нејзина, но сака нејзината приказна да биде потсетник за важноста на редовните лекарски прегледи.

„Ќе има некој што ќе има корист од ова нежно потсетување да оди на редовни прегледи. Раното откривање многу помогна и бескрајно сум благодарна што денес можам да кажам дека сум добро“, изјави таа.

Кајли Миног денес има 57 години. Првпат ѝ беше дијагностициран рак на дојка во мај 2005 година, кога имаше 36 години. Поради лекувањето тогаш ја прекина светската турнеја „Showgirl“ и го откажа настапот на фестивалот „Гластонбери“ за да започне терапија во Мелбурн.

Share
Scroll to Top