„Кајмак“ ќе се прикажува на македонски јазик во цела Јужна и Средна Америка и Карибите

„Кајмак“ ќе се прикажува на македонски јазик во цела Јужна и Средна Америка и Карибите

пред 1 година

 Најгледаниот филм во Македонија лани, „Кајмак“ на Милчо Манчевски е продаден за дистрибуција во цела Јужна Америка, Средна Америка и на Карибите. Продажниот агент, Левел К од Копенхаген го продал македонскиот филм на 40 земји – од Аргентина, Бразил и Мексико до ЈамајкаАруба, Барбадос; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис.

„Кајмак“ е веќе продаден во повеќе европски земји, а понатамошниот процес на пласман е во тек.

Филмот ќе биде прикажан на оригиналниот, македонски јазик, со титлови на јазиците на земјите во кои се прикажува.

Инаку, „Кајмак“ само што беше прикажан на филмските фестивали во Бари, Белград и Софија, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот неодамна беше награден на фестивалот Фантаспорто во Португалија, а светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваа: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.

Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор.

Share
Scroll to Top