Жителите на малото крајбрежно гратче Порткол во Велс останале во неверување откако на улиците ги забележале легендарниот режисер Квентин Тарантино и поп-ѕвездата Кајли Миног како снимаат нов филм.
Според локалните медиуми, жителите буквално „ги триеле очите од неверување“ кога ги виделе холивудската и музичката ѕвезда во гратчето со околу 16.000 жители, каде во текот на викендот се снимале сцени на неколку различни локации покрај морето.
Тарантино и Миног биле забележани како снимаат сцени во црквата „Њутон“, каде се одвивала филмска погребна сцена, како и во локалниот паб „Saltwater Inn“, каде биле снимани сцени од помен и семејна собиранка.
Станува збор за нов филм на велшкиот режисер Џејми Адамс, кој е родум од Порткол. Во проектот, покрај Тарантино и Миног, учествуваат и повеќе познати велшки актери.
Дополнителни детали за снимањето открил член на машкиот хор од Порткол, кој преку локална Фејсбук-група споделил дека и членовите на хорот добиле можност да се појават во неколку сцени заедно со светските ѕвезди.
Тарантино ден претходно бил забележан и во хотел во Кардиф, што дополнително ги поттикнало шпекулациите дека подолг период ќе престојува во Велс поради снимањето.
Ова не е прва соработка меѓу режисерот Џејми Адамс и Тарантино. Само пред неколку недели на филмскиот фестивал Трајбека беше прикажан нивниот претходен проект „Only What We Carry“, во кој покрај Тарантино настапуваат и Сајмон Пег и Шарлот Генсбур.
Филмот бил снимен за само шест дена во Франција, а добил позитивни реакции од публиката и критичарите.
Интересно е што Адамс првично успеал да го ангажира Тарантино преку необичен потег. Како што претходно изјави за американските медиуми, му испратил писмо и краток опис на приказната без големи очекувања.
„Не мислев дека ќе добијам одговор. Но, две недели подоцна агентот на Тарантино ми испрати порака дека е заинтересиран и сака да разговараме преку Zoom“, открил режисерот.
Во меѓувреме, според американските медиуми, новиот филм добил поддршка и од продуцентската компанија Visor Entertainment од Њујорк.
Засега не се откриваат повеќе детали за приказната, но фотографиите од снимањето веќе предизвикаа голем интерес кај филмските фанови, особено поради необичната комбинација на Квентин Тарантино и Кајли Миног во ист проект.






