Холивудската актерка Кејти Холмс повторно е вљубена. По неколкумесечните шпекулации за нејзината врска со визуелниот уметник Џејсон Бард Јармоски, 47-годишната актерка конечно реши да стави крај на криењето и првпат јавно се појави со својот нов партнер.
Двојката беше забележана заедно за време на модниот викенд во Хемптонс, каде присуствуваше на настан организиран од модната куќа „Ферагамо“.
Кејти блесна во впечатливо здолниште со реси и лежерна кошула, додека Џејсон избра темносина елегантна комбинација. Нивното заедничко појавување веднаш го привлече вниманието на присутните и на фотографите.
Пред тоа, тие заедно се појавија и на премиерата на филмот „The Invite“, каде според очевидци биле неразделни во текот на целата вечер.
Извор за магазинот „People“ открил дека атмосферата меѓу нив била исклучително романтична.
„Ѝ шепотеше на уво, а таа постојано се смееше. Изгледаа многу опуштено и среќно заедно. За време на проекцијата Кејти ја потпре главата на неговото рамо. Навистина изгледаа преслатко“, изјавил очевидец.

Ова јавно појавување има дополнително значење ако се знае дека Кејти Холмс со години внимателно го чуваше својот приватен живот далеку од медиумите.
По разводот со Том Круз во 2012 година, медиумите објавуваа дека во рамките на нивниот договор постоела клаузула според која актерката пет години не смеела јавно да се појавува со нов партнер.
Според тогашните информации, договорот ѝ обезбедил значителна финансиска поддршка, но и услов новите партнери да не бидат во близина на нивната ќерка Сури. Поради тоа, нејзината долгогодишна врска со актерот Џејми Фокс со години остана далеку од очите на јавноста.
Покрај новата љубов, Кејти минува и низ голема животна промена како мајка. Нејзината 20-годишна ќерка Сури Ноел се подготвува да започне ново поглавје со високото образование.
Во интервју за списанието „Town & Country“ во 2024 година, актерката призна дека разделбата нема да биде лесна.
„Горда сум на мојата ќерка. Секако дека ќе ми недостига тоа што нема да биде постојано покрај мене, но навистина сум многу горда на неа и среќна сум што го започнува своето ново животно поглавје“, изјави Холмс.
Со најновото јавно појавување, актерката испраќа јасна порака дека зад себе го остава долгогодишното криење на приватниот живот и без двоумење ужива во новата љубов.






