Американската ријалити ѕвезда Ким Кардашијан денес сведочеше на судењето во Париз во случајот со грабежот од 2016 година, во кој ѝ беше украден накит вреден шест милиони долари.
Грабежот се случи во Париз за време на „Фешн вик“, а беше украден нејзиниот накит, вклучувајќи и дијамантски прстен од 4 милиони долари што ѝ го дал поранешниот сопруг Канје Вест.
Кардашијан, повремено во солзи, рече дека дошла во француската престолнина за Модната недела и дека Париз е место што отсекогаш го сакала и каде што се чувствувала безбедно, објави Ројтерс.
„Се разбудив околу три часот наутро и слушнав чекори по скалите. Ја повикав сестра ми и еден пријател, но никој не се јави“, рекла таа, додавајќи дека неколку луѓе во полициски униформи влегле во нејзината спална соба.
Кардашијан рекла дека била многу збунета и зашеметена, обидувајќи се да сфати што се случува, а потоа еден од мажите рекол на англиски со акцент – „Ринг, прстен!“
„Бев во шок и на почетокот помислив дека е некаков терористички напад, и не сфатив веднаш дека го сакаат мојот накит“, рекла таа.
Таа додаде дека напаѓачите потоа ја фрлиле на креветот, дека била многу исплашена и хистерична, и постојано велела дека мора да се врати дома кај своите деца.
Според неа, еден од нив вперил пиштол кон неа и ја повлекол кон себе, па во тој момент помислила дека ќе ја силува, но за среќа само ја врзал.
Ова е прв пат Кардашијан да се соочи со осомничените за нападот и грабежот. Оосмничените се на возраст меѓу 60 и 70 години, објави АП.
Судењето започна минатиот месец и во него учествуваат десет обвинети.