Ким Кардашијан проговори за периодот по разделбата со Канје Вест и објасни зошто ѝ било потребно време пред повторно да се отвори за врска. Во интервју за магазинот „Style“ на „Тајмс“, таа рече дека сакала да закрепне емотивно и да се посвети на себе.
„Не чувствував дека треба да брзам. Не се чувствував празно. Ми требаше време“, изјави 45-годишната Кардашијан. Таа го опиша изминатиот период како пет години во кои главно била сама, иако во меѓувреме девет месеци беше во врска со комичарот Пит Дејвидсон.
Според неа, паузата ѝ овозможила да се сосредоточи на четирите деца што ги има со Вест – Норт, Сејнт, Чикаго и Псалм – како и на деловните и творечките проекти што сакала да ги оствари. „Не бев подготвена да се отворам“, рече таа за можноста порано да започне нова врска.

Кардашијан сега е во врска со возачот на Формула 1, Луис Хамилтон, кого го познава повеќе од една деценија. Нивното заедничко појавување на Супербоул во февруари привлече големо внимание, а подоцна споделија и неколку заеднички фотографии на социјалните мрежи.

Во интервјуто таа повеќе зборуваше за сопственото закрепнување по разделбата отколку за деталите од сегашната врска. Како што вели, времето поминато сама ѝ помогнало да се посвети на она што ѝ е важно, без притисок веднаш да најде нов партнер.






