Коњановски: Младите со свои идеи придонесуваат за подобра Битола

Коњановски: Младите со свои идеи придонесуваат за подобра Битола

пред 23 минути

Триесет средношколци од Битола подготвија проектни предлози за решавање на проблеми во нивната заедница, во рамките на проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации.

На работилницата, младите ги финализираа своите идеи и се подготвуваа да ги претстават пред општинска комисија. Најуспешните предлози ќе бидат претставени и на претстојниот Национален форум на ЛАПСИ.

На учесниците им се обратија градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, кои ја нагласија важноста на младинското учество во креирањето на локалните политики.

Коњановски истакна дека идеите и размислувањата на младите можат да придонесат за развојот на градот.

„Младите се иднината, но и сегашноста на нашата општина. Нивната енергија, креативност и нови идеи се од исклучително значење за создавање подобра средина за сите нас“, рече градоначалникот.

Тој порача дека младите треба да добијат вистинска можност да учествуваат во подготовката на решенијата за заедницата.

Во текот на досегашните работилници, средношколците ги препознавале и мапирале локалните проблеми, а потоа своите согледувања ги преточиле во конкретни проектни предлози.

Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, најави дека идеите ќе бидат разгледани во рамките на соодветните општински програми, со цел дел од нив да добијат можност за реализација.

„Нашата цел е младите да не бидат само предлагачи на идеи, туку активни учесници во создавањето на иднината на Битола“, истакна Бојкоски.

Проектот го спроведува Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, во рамките на програмата BOOST, координирана од АЛДА. Финансиската поддршка е обезбедена од Француската агенција за развој, а активностите се реализираат во соработка со Општина Битола.

Share
Scroll to Top