Со пораки за надеж, солидарност и грижа за здравјето, вчеравечер во Офицерскиот дом во Битола се одржа настанот „Розов пулс за Битола – Да го славиме животот!“, посветен на подигнувањето на свеста за превенцијата и раното откривање на ракот на дојка.
Во организација на Советот за социјална заштита и Советот за женско претприемништво на Општина Битола, настанот обедини граѓани, здравствени работници, психолози и претставници на здруженија. Преку охрабрувачки пристап, учесниците ја истакнаа важноста на грижата за сопственото здравје и поддршката за жените што се соочуваат со болеста.
Пред присутните се обрати градоначалникот Тони Коњановски, кој порача дека разговорот за оваа тема треба да носи надеж и да ја зајакнува свеста за значењето на превенцијата.
„На еден ваков начин зборуваме за важноста на превенцијата, но не и за стравот, туку за животот, женската сила, надежта и заедништвото, потсетувајќи се дека грижата за сопственото здравје е чин на љубов кон себе“, истакна Коњановски.
Тој им се заблагодари на организаторите и ја нагласи безрезервната поддршка на Општина Битола за ваквите иницијативи.
Од Офицерскиот дом беше испратена заедничка порака: Битола има пулс на грижа, поддршка, надеж и живот – порака што ја нагласува важноста жените да не бидат сами во соочувањето со болеста.






