Коњановски: Пет децении пријателство меѓу Битола и Херцег Нови, нов поттик за заедничка соработка

Коњановски: Пет децении пријателство меѓу Битола и Херцег Нови, нов поттик за заедничка соработка

пред 4 часа

Со потпишување Меморандум за потврдување на соработката и садење дрво на пријателството, Битола и Херцег Нови одбележаа пет децении од збратимувањето. На свеченоста во Херцег Нови присуствуваше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој порача дека долгогодишното партнерство е основа за нови заеднички активности и поблиски врски меѓу граѓаните.

Домаќинот, претседателот на Општина Херцег Нови, Стеван Катиќ, потсети дека Повелбата за пријателство била потпишана на 21 октомври 1976 година, поставувајќи ги темелите на соработката што продолжува и денес.

Со новиот меморандум, градоначалниците и претставниците на Битола, Херцег Нови, Бања Лука, Крањ и Земун ја потврдија определбата за продолжување на партнерските односи. Катиќ ја истакна отвореноста на Херцег Нови за културна и спортска соработка, размена на идеи и споделување добри практики.

Коњановски оцени дека документот ја потврдува заедничката желба за продлабочување на соработката во повеќе области. Тој посочи дека во изминатите години односите меѓу Битола и Херцег Нови се интензивирале преку настани и активности во кои учествувале официјални делегации, но и граѓани.

„Со садењето на дрвото на пријателството, подадовме рака за нашата заедничка иднина, за желбата да бидеме поблиски, да си помагаме едни на други и, пред сè, цврсто да стоиме на темелите на заедништвото, пријателството и визијата за иднината“, истакна Коњановски.

Тој нагласи дека Битола, како град со богата историја и традиција, продолжува да гради мостови на пријателство, отворајќи простор за нови форми на соработка.

На потпишувањето на меморандумот му претходеше садење дрво на пријателството на влезот во паркот „Бока“, како симбол на трајноста на врските и нивното пренесување на идните генерации.

Јубилејот беше заокружен со концерт на кој беа изведени традиционални и класични композиции, како и преработки на светски хитови, поздравени со аплаузи и овации од публиката.

Share
Scroll to Top