Коњановски по поразот на ФК Пелистер: Прифатени оставките, следува целосна ревизија на работењето

Коњановски по поразот на ФК Пелистер: Прифатени оставките, следува целосна ревизија на работењето

пред 4 часа

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, се огласи по поразот на ФК Пелистер во Кавадарци и испаѓањето на клубот во Втората македонска фудбалска лига, оценувајќи дека станува збор за тежок ден за спортот и за битолчани.

Во својата објава, Коњановски посочи дека неуспехот на Пелистер претставува големо разочарување за навивачите и за сите љубители на фудбалот во градот.

„Денес е тежок ден за спортот во Битола. Поразот на ФК Пелистер во Кавадарци не разочара сите битолчани, особено поради тоа што клубот со овој неуспех заминува во Втора лига“, наведува Коњановски.

Тој информираше дека ја прифаќа оставката на управувачката структура на клубот, како и на техничкиот директор и стручниот штаб, а најави и целосна ревизија на досегашното работење.

Според него, ревизијата треба да даде јасна слика за состојбите во клубот и да создаде основа за нов почеток со нови планови и нови кадри кои ќе работат на враќање на Пелистер на победничките патеки.

„Веднаш ќе побарам да се изврши ревизија на досегашното работење за да може да се продолжи напред со јасна слика, нови планови и нови кадри кои ќе го водат клубот кон победи и резултати на кои сите ќе бидеме горди“, истакна градоначалникот.

Коњановски порача дека ФК Пелистер бил и мора да остане спортска гордост на Битола, нагласувајќи дека за враќање на клубот на вистинскиот пат ќе биде потребна максимална посветеност од сите – од локалната самоуправа и раководните структури до фудбалерите на теренот.

Тој оцени дека актуелниот неуспех треба да биде сериозна поука и можност за анализа на пропустите, со цел во иднина клубот да биде подобро организиран и поконкурентен.

„Овој пораз мора да ни даде насоки каде сме згрешиле и каде треба да бидеме подобри, во интерес на ФК Пелистер и во интерес на Битола“, порача Коњановски.

Share
Scroll to Top