Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска присуствуваше на конференцијата со што официјално започна проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“, чија главна цел е да се зголеми отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија во услови на климатски промени, енергетски кризи и иселување на населението.
Поздравни обраќања имаа заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска и амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер.
На панел дискусијата за улогата на водоводните претпријатија учествуваше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
„ Јавната вредност на едно водоводно претпријатие не треба да се гледа единствено преку обезбедување вода до секој граѓанин. Водоснабдителниот систем има многу поширока и позначајна улога, бидејќи водата претставува основен ресурс за живот, јавно здравје, економски развој и одржливо функционирање на заедницата. Затоа, успешноста на едно претпријатие треба да се мери преку јасно дефинирани и мерливи показатели: финансиска стабилност, степен на модернизација на системот, намалување на загубите на вода, ефикасност во мерењето и наплатата, квалитет и сигурност на услугата, како и брзина на реакција при дефекти и интервенции. Дополнително, современите водоводни претпријатија мора да се насочат кон дигитализација, енергетска ефикасност и долгорочно управување со водните ресурси. Само преку ваков системски и одржлив пристап може да се обезбеди ефикасно и одговорно извршување на улогата на јавните претпријатија и создавање реална јавна вредност за граѓаните“ рече меѓу другото градоначалникот на Битола.
Проектот е финансиран од Владата на Швајцарската Конфедерација, претставувана од Државниот секретаријат за економски прашања, со придонес на Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија и седум општини и комунални претпријатија корисници Битола, Берово, Кочани, Куманово, Радовиш, Струмица и Виница.
За реализација на проектот се обезбедени 6,5 милиони швајцарски франци грант од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), додека Министерството за животна средина и просторно планирање учествува со национална контрибуција од 0,5 милиони швајцарски франци.
На панел дискусијата за предизвиците на водоводните претпријатија учествуваше и директорот на ЈП „Водовод“ Битола, Андреј Гинов.






