Во Битола заврши меѓуучилишниот танцов предизвик „Мостови на пријателство“, организиран од Општина Битола во соработка со Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, како дел од истоимениот солидарен проект насочен кон поврзување на младите.
Настанот, кој се реализираше преку јавен конкурс, ги обедини учениците од основните училишта, нудејќи им можност преку танц, музика и креативност да се изразат, но и да изградат нови пријателства. Организаторите потенцираат дека предизвикот не бил само натпревар, туку платформа за дружење и надминување на разликите меѓу младите од различни етнички и социјални заедници.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна важноста на ваквите иницијативи, нагласувајќи дека танцот е универзален јазик што не познава предрасуди, туку создава доверба и гради мостови меѓу луѓето. Според него, ваквите настани се клучни за градење здрава и инклузивна заедница.

Во рамки на предизвикот, најуспешните учесници беа наградени со прва, втора и трета награда, при што преку своите настапи испратија силни пораки за пријателство, толеранција и заедништво, покажувајќи дека различностите можат да бидат основа за поврзување, а не за поделби.






