Регионалниот систем за управување со отпад може да биде успешен само со заедничка работа, координација и одговорност на општините, институциите и граѓаните. Ова го истакна градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад на Пелагонискиот и Југозападниот плански регион.
На седницата беше презентирана нацрт-верзијата на Регионалниот план за управување со отпад и беа разгледани следните чекори за воспоставување на новиот систем. Средбата ја отвори претседателот на Одборот и градоначалник на Новаци, Стевче Стевановски, а присуствуваа градоначалници и претставници на општините од двата региона.
Во своето воведно обраќање, Коњановски нагласи дека регионалниот пристап треба да донесе поквалитетни комунални услуги, почиста животна средина и побезбедни заедници.
„Пред нас е една сериозна промена во начинот на кој управуваме со отпадот во целиот регион. Тоа ќе значи подобри услуги за граѓаните, почисти и побезбедни заедници и подобра заштита на животната средина“, истакна Коњановски.
Тој посочи дека Регионалниот план треба да биде основа за конкретно и координирано дејствување, а изградбата на инфраструктурата и набавката на опрема мора да бидат проследени со соодветни услуги и активно учество на сите што го создаваат и го користат системот.
„Инфраструктурата сама по себе не може да го реши проблемот со отпадот. Новиот систем ќе биде целосно функционален само кога инфраструктурата, услугите кои се нудат, ние како институции и општини, и секако граѓаните кои го користат системот ќе работиме сите заедно кон остварување на заедничка цел“, рече Коњановски.
Покрај нацрт-планот, на седницата беа претставени комуникациските активности и начинот на вклучување на јавноста во процесот.
Претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и на САЛАР Интернационал информираа за активностите поврзани со регионалниот центар за управување со отпад и обиколниот пат во Новаци, претоварните станици и набавката на возила и опрема.
Беа разгледани и методологијата за утврдување на новите тарифи за отпад, формирањето регионално комунално претпријатие, како и обврските на општините во воспоставувањето и функционирањето на системот.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор е поддржана преку проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска, а спроведуван од САЛАР Интернационал.






