Коњановски: Хрватските примери како патоказ: Битола се подготвува за развој на современи енергетски заедници

Коњановски: Хрватските примери како патоказ: Битола се подготвува за развој на современи енергетски заедници

пред 4 часа

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со колеги од Македонија и претставници на други општини, учествуваше на повеќедневна студиска посета на Република Хрватска, посветена на запознавање со концептот и функционирањето на граѓанските енергетски заедници.

Во рамки на посетата, делегацијата ја посети Зелената енергетска задруга во Загреб, каде што беа презентирани моделите на граѓанско учество во енергетскиот сектор, пилот-проекти и успешни практики за поддршка на градовите и општините. Станува збор за непрофитна организација која повеќе од една деценија работи на промоција на граѓанската енергија во Хрватска и се залага граѓаните да имаат активна улога во управувањето со локалните енергетски ресурси.

Следна станица на делегацијата беше енергетската заедница „Сава“ во Општина Пушча, каде што беа презентирани искуствата поврзани со формирањето и управувањето со енергетските заедници, како и правните и финансиските аспекти на нивното функционирање. Делегацијата оствари средба и со градоначалникот на општината, Филип Бернардиќ.

Во текот на посетата беа разгледани и активностите на Регионалната енергетско-климатска агенција на Северозападна Хрватска, како и енергетскиот центар „Брачак“ во Забок. Заедно со организаторот на студиската посета, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, беше реализирана и теренска посета на соларна електрана, со цел запознавање со практични и иновативни решенија за општински енергетски проекти.

Во Крижевци, каде што се реализира пилот-проектот „Крижевачки сончеви покриви“, учесниците имаа можност да се запознаат со искуствата во процесот на енергетска транзиција, декарбонизација и финансирање на обновливи извори на енергија. Притоа беше остварена средба со заменик-жупанот на Копривничко-крижевската жупанија, Марио Рајан.

Студиската посета заврши во Риека, каде што делегацијата ја посети Енергетската заедница на Северен Јадран во Дреново и информативниот центар за граѓански енергетски задруги. Коњановски оствари средба и со заменик-градоначалникот на Риека, Александар Саша Милаковиќ. Воедно, беше истакнато и долгогодишното збратимување меѓу Битола и Риека, при што беше реализирана средба и со претставници на македонската заедница во овој хрватски град.

Во рамки на посетата, македонската делегација беше примена и во Амбасадата на Македонија во Хрватска од заменик-амбасадорот Горан Божиновски, а го посети и Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, каде што се одржа средба со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска.

„Стекнатите искуства и добрите практики од Хрватска претставуваат значајна основа за развој на современи енергетски заедници и одржливи енергетски политики во Битола и во Македонија“, истакна Коњановски.

Share
Scroll to Top