Сè поголема загриженост предизвикува нова белодробна состојба која лекарите ја поврзуваат со употребата на електронски цигари, позната како „попкорн“ болест. Станува збор за состојба што медицински се дефинира како бронхиолитис облитеранс – сериозно оштетување на малите дишни патишта.
Според медицинските извештаи, првиот ваков случај бил идентификуван на 19 март 2025 година, а оттогаш лекарите сè почесто се соочуваат со пациенти кои покажуваат слични симптоми. Болеста го добила името по специфичниот звук кој се слуша при дишење – крцкање налик на пуканки, кое доаѓа од белите дробови.
Лекарите посочуваат дека дијагнозата не се поставува само врз основа на овој звук, туку и според низа други симптоми кои стануваат сè почести кај корисниците на вејпинг. Меѓу нив се отежнато дишење, особено при физичка активност, сува кашлица без искашлување, свирење во градите, замор, забрзан срцев ритам и нарушувања на спиењето. Во потешки случаи може да дојде и до појава на цијаноза – состојба која укажува на недоволно снабдување на организмот со кислород.
За потврдување на дијагнозата, лекарите користат современи методи како компјутерска томографија со висока резолуција, која може да открие карактеристични промени во белите дробови, познати како „матно стакло“. Дополнително, се применуваат спирометрија и тестови за дифузија, со кои се утврдува намалена функција на белите дробови и нарушена размена на гасови.
Во посложени случаи, се прават и дополнителни анализи како биопсија на белите дробови и лабораториски тестови, со цел да се добие попрецизна клиничка слика.
Медицинските експерти предупредуваат дека иако оваа состојба сè уште се истражува, вејпањето не е безопасна алтернатива како што често се претставува, туку може да доведе до сериозни и долгорочни последици по здравјето на респираторниот систем.





