Иако летото најчесто се поврзува со сонце, одмор и повеќе енергија, голем број луѓе токму во најтоплите денови чувствуваат постојан замор, поспaност и недостаток на концентрација. Високите температури, нарушениот сон и промените во секојдневните навики се најчестите причини, но здравствените експерти предупредуваат дека долготрајната исцрпеност понекогаш може да биде и сигнал за посериозен здравствен проблем.
Зошто летото нè исцрпува?
Кога надворешната температура е висока, организмот постојано работи за да ја одржи нормалната телесна температура. Крвните садови се шират, потењето се засилува, а срцето работи поинтензивно за да ја исфрли вишокот топлина.
Поради тоа телото троши повеќе енергија, дури и кога човек мирува. Последиците најчесто се чувство на тежина, намалена физичка издржливост и општ недостаток на енергија.
Дехидратацијата дополнително го влошува проблемот
Во лето организмот губи многу течности преку потење. Експертите предупредуваат дека жедта не е првиот знак на дехидратација, туку се појавува кога телото веќе изгубило значително количество течност.
Дури и лесна дехидратација може да предизвика главоболка, намалена концентрација, вртоглавица и чувство на постојан замор.
Освен вода, со потењето се губат и важни електролити како натриум, калиум и магнезиум, чиј недостаток може да доведе до слабост, грчеви во мускулите и намалена енергија.
Лошиот сон остава последици
Топлите летни ноќи го нарушуваат квалитетот на сонот. Иако многумина спијат доволно часови, длабокиот сон е пократок, па организмот не успева целосно да се одмори.
Како резултат на тоа, луѓето се будат уморни, а исцрпеноста се чувствува во текот на целиот ден.
Променетите навики исто така влијаат
Подоцнежното легнување, повеќе дружења, патувања и зголемена физичка активност можат дополнително да го оптоварат организмот.
Во исто време, многумина прескокнуваат оброци или консумираат повеќе брза храна, слатки и засладени пијалаци, што предизвикува нагли промени на нивото на шеќер во крвта и дополнително чувство на замор.
Кога заморот не е безопасен?
Вообичаениот летен замор најчесто исчезнува по еден или два дена одмор, доволен внес на течности и квалитетен сон.
Но, доколку исцрпеноста трае повеќе недели, не се подобрува и почнува да го нарушува секојдневното функционирање, потребно е да се побара лекарски совет.
Особено внимание треба да се обрне ако заморот е проследен со:
• необјаснето слабеење
• покачена температура
• ноќно потење
• отежнато дишење
• болка во градите
• забрзана работа на срцето
• честа жед и мокрење
• отоци на нозете.
Овие симптоми можат да укажуваат на заболувања на срцето, белите дробови, тироидната жлезда, дијабетес или други хронични заболувања.
Недостатокот на железо и витамини е чест причинител
Една од најчестите причини за долготраен замор е недостатокот на железо, кој може да предизвика слабост, вртоглавица, забрзана работа на срцето и отежнато дишење при физички напор.
Исцрпеноста може да биде поврзана и со недостаток на витамин Б12, фолна киселина или витамин Д, кои имаат важна улога во создавањето крвни клетки, функционирањето на нервниот систем, здравјето на коските и имунитетот.
Не земајте витамини без проверка
Иако многумина при првите симптоми посегнуваат по витамини и додатоци во исхраната, експертите предупредуваат дека тие не се решение за секого.
Прекумерното внесување на одредени витамини и минерали може да биде штетно, па затоа пред започнување со суплементи се препорачува лабораториска проверка и консултација со лекар.
Кога е време за преглед?
Доколку заморот трае повеќе од четири недели, постепено се влошува или ве спречува нормално да ги извршувате секојдневните обврски, неопходно е да побарате стручно мислење.
Иако во најголем број случаи летната исцрпеност е последица на високите температури, дехидратацијата или нарушениот сон, понекогаш токму преку заморот организмот испраќа сигнал дека е потребно навремено откривање и лекување на одреден здравствен проблем.





