Македонската електронска музичка сцена доби причина за гордост откако младиот диџеј и продуцент Анастас Китановски се пласираше меѓу 25-те најдобри учесници во престижната програма на еден од најголемите музички фестивали во светот – Untold Festival.
Успехот е уште поголем ако се земе предвид дека Китановски успеал да се избори за место во финалната конкуренција меѓу повеќе од 11.000 диџеи и музички продуценти од различни земји ширум светот. Со тоа тој стана еден од ретките македонски артисти кои добиле можност да се натпреваруваат за настап на фестивал од ваков ранг.
Според информациите споделени од неговиот брат Горазд Китановски, во моментов е во тек јавно гласање преку кое ќе бидат избрани петмина финалисти кои ќе добијат можност да настапат на Untold Festival. Дополнително, еден од избраните ќе има шанса да се појави и на главната фестивалска сцена заедно со некои од најголемите светски музички имиња.
Годинава на Untold се очекуваат настапи на светски ѕвезди како Стинг и Мартин Гарикс, што дополнително ја зголемува вредноста на можноста која му се отвора на младиот македонски музичар.
Во својата објава на социјалните мрежи, Горазд Китановски упати повик до јавноста да го поддржи неговиот брат во финалната фаза од натпреварувањето.
„На мојот помал брат Анастас му е потребна вашата поддршка. Со огромна радост сакам да ве известам дека влезе во Топ 25 диџеи и продуценти во програмата на Untold Festival. Тој се најде меѓу најдобрите 25 во конкуренција од над 11.000 диџеи и продуценти од целиот свет“, објави Китановски.
Тој посочи дека гласањето се одвива преку електронска пошта и апелираше до сите што ќе гласаат да ги проверат и своите Spam или Junk папки, бидејќи токму таму може да пристигне пораката за потврда на гласот.
Пласманот меѓу најдобрите 25 веќе претставува огромен успех за Анастас Китановски и потврда дека македонските музичари можат рамноправно да конкурираат на меѓународната сцена. Сега сè зависи од поддршката на публиката, која може да му помогне да стане еден од петтемина избрани артисти што ќе настапат на еден од најпознатите фестивали за електронска музика во светот.
Доколку успее да обезбеди доволно гласови, Анастас Китановски би можел да стане уште едно македонско име кое ќе се претстави пред десетици илјади посетители и милиони гледачи на глобалната музичка сцена.
Подолу е линкот каде може да гласате за Анастас:






