Дона Хертер е медицинска сестра од Минесота која го има 24-годишниот син Кристијан со Даунов синдром. Таа пред 3 месеци објавила оглас кој растажи многумина, пишува „CBS News“.
Мајката објаснила дека нејзиниот син имал многу пријатели во средно училиште, но откако дипломирал пред 5 години, не успеал да пронајде нови пријатели поради што долго време се чувствувал депресивно.
Очајната мајка тогаш одлучила да објави оглас за работа.
„Барам младо момче на возраст помеѓу 20 и 28 години кое би сакало да заработи пари. Два дена месечно по два часа ќе ти платам да бидеш пријател на мојот син. Сѐ што треба да правиш е да седиш со него и да играш видеоигри во неговата соба. Ништо друго. Има 24 години и Даунов синдром и нема пријатели на своја возраст“, напишала таа во огласот.
Додала и дека е подготвена да плати 80 долари за 2 часа дружење со цел нејзиниот син да има пријател.
Дона го објавила огласот во 4 часот наутро, а кога се разбудила следниот ден, на објавата имало дури 5000 коментари.
„Бев избезумена. Рацете ми се тресеа, се потев. Сѐ што барав е некое момче од истиот град, не сакав да го повикам целиот свет во домот“, изјавила Дона.
Во коментари се јавиле родители кои ѝ давале предлози, луѓе кои доброволно се јавиле да помогнат, но и родители на деца со посебни потреби кои барале совет.
Дона интервјуирала неколку кандидати, а потоа одбрала 7 од нив кои сега редовно го посетуваат Кристијан. Еден од нив е Џејмс кој работи со лица со инвалидитет.
„Кога ја прочитав објавата, срцето ми се скрши што чувствувала дека треба да им плати на луѓето за да бидат пријатели со Кристијан“, изјавил тој.
„Кристијан ме научи да гледам повеќе од она што е на површината. Затоа што на површината можеби изгледаме поинаку, но длабоко во себе сите имаме сличности“, додал Џејмс.
Откако Хертер го објавила огласот, луѓето ширум земјата започнале и да му испраќаат подароци на Кристијан, а се вклучила и локалната заедница. Пожарникарите го повикале да се дружи со нив, одел на куглање со локалните маринци и е именуван за почесен градоначалник.
„Секоја вечер си легнува со насмевка на лицето. На сите им раскажува за своите нови пријатели. Многу е возбуден додека зборува за животот и за тоа што прави среќен“, рекла неговата мајка.
Таа додала и дека се надева дека неговата приказна ќе ги инспирира другите да направат пријателства бидејќи на сите им е потребен пријател.