Меџити: Поставен камен-темелникот за автопатот Скопје – Блаце, почнува реализацијата на еден од најважните инфраструктурни проекти

Меџити: Поставен камен-темелникот за автопатот Скопје – Блаце, почнува реализацијата на еден од најважните инфраструктурни проекти

пред 2 часа

Денеска беше поставен камен-темелникот за автопатот Скопје – Блаце, проект кој вицепремиерот Изет Меџити го оцени како еден од најзначајните инфраструктурни зафати за државата и за Албанците во Северна Македонија.

Меџити во објава на социјалните мрежи посочи дека на настанот присуствувале премиерот Христијан Мицкоски, косовскиот премиер Албин Курти, првиот вицепремиер Беким Сали, копретседателот на ВЛЕН Билал Касами, заменик-министерката Калтрина Зеколи, како и други претставници.

Според него, денешниот почеток на работите претставува „одлучувачки чекор“ за реализација на патниот правец кој ќе ги поврзе Скопје и Приштина.

„Тоа е патот што ги поврзува Скопје и Приштина. Два главни града, две економии, илјадници семејства, бизниси и луѓе кои секојдневно се движат меѓу Косово и Северна Македонија“, напиша Меџити.

Тој потенцира дека повеќе не станува збор само за најави и планови, туку за конкретен почеток на реализацијата.

„Денес не зборуваме за она што ќе се направи. Денес започнавме“, порача Меџити.

Во објавата тој нагласува дека граѓаните, како што вели, треба да ја почувствуваат промената преку големи инфраструктурни проекти и инвестиции кои почнуваат да добиваат конкретна форма.

Меџити го поврза почетокот на изградбата и со политичкото учество на ВЛЕН во Владата, истакнувајќи дека политичката тежина треба да се мери преку конкретни резултати.

„Тежината во Владата не се мери со зборови. Се мери со тоа што ќе успееш да го направиш за своите луѓе“, напиша тој.

Според него, автопатот Скопје – Блаце е еден од проектите кои најдобро ја покажуваат таквата политичка тежина.

„Денес го поставивме камен-темелникот. Утре по овој пат ќе патуваат цели генерации“, порача Меџити.

Тој објавата ја заврши со пораките:

„Скопје поблиску до Приштина.
Албанците поблиску едни до други.
Нашата работа се гледа!“

Автопатското поврзување Скопје – Блаце се смета за важен дел од патната инфраструктура кон Косово и треба значително да ја подобри поврзаноста меѓу двата главни града, како и движењето на граѓаните и стоките.

Share
Scroll to Top