Инфлуенсерката Миа Костова и нејзината пријателка Тијана Скулиќ ја испратија 2025 година со остварување на голем животен сон – купување плацеви во Соње, и тоа една до друга.
Веста ја споделија преку социјалните мрежи, а нивните искрени и емотивни објави предизвикаа бројни реакции и поддршка. Зад купувањето на плацевите не стои „лесна приказна“, туку години работа, трпение и лична борба.
Костова во својата објава отворено зборува за патот што го поминала, за предизвиците и загубите, но и за верата дека ништо не доаѓа случајно.
„На моменти помислувам дека не знам како се најдов тука, со што заслужив сѐ што имам, ама бргу ми текнува дека својот пат си го изодев поштено… Желбите се остваруваат само ако работиш на нив, не ако само веруваш и чекаш некој друг да го заврши тоа за тебе“, напиша инфлуенсерката, потенцирајќи дека резултатите во животот доаѓаат со константност, истрајност и многу посветеност.
Таа особено ја нагласи пораката дека нема ништо срамно во ниту една работа, во тоа да бидеш сам кога така се случило, ниту во борбата да се опстане чекор по чекор. „Животот е теретана“, порача Костова, додавајќи дека нема брзи резултати, туку само искрена работа.

Тијана Скулиќ, пак, не ја криеше среќата што токму на крајот од 2025 година го направила најголемиот чекор досега. Таа откри дека на свои 30 години, со сопствен труд и „до денар“, успеала да си купи имот и да го започне својот најубав животен проект – куќата од соништата.
„Кога нешто сам го заработуваш и реализираш, чувството е неспоредливо помоќно од сè што може да биде добиено во готово“, напиша Тијана, заблагодарувајќи се на Миа за поддршката и инспирацијата, но и на сите соработници кои ѝ верувале низ годините.
„Официјално сме сосетки“, додаде таа со доза радост, испраќајќи честитки до сите кои се радуваат на нивниот успех.






