Министерство за финансии: „Стандард и Пурс“ го потврди рејтингот на Македонија: Стабилни изгледи и раст поттикнат од инвестициите

Министерство за финансии: „Стандард и Пурс“ го потврди рејтингот на Македонија: Стабилни изгледи и раст поттикнат од инвестициите

пред 10 часа

3 октомври 2026 година, Скопје– Меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Стандард и пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјата ББ- со стабилен изглед.  Во најновиот извештај, Aгенцијата оценува дека перспективите за економски раст, умереното ниво на јавниот долг и одржливите трошоци за сервисирање на долгот ги ублажуваат ризиците поврзани со високите фискални дефицити.

Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,6% во 2026 и 2027 година, поттикнат од високото ниво на јавни инвестиции и отпорната домашна потрошувачка и покрај негативните економски прелевања од војната на Блискиот Исток, пред сè преку повисоките цени на енергијата.

Како клучни двигатели на растот, „Стандард и Пурс“ ја издвојува забрзаната реализација на големите инфраструктурни проекти, особено Коридорите VIII и Xд, кои придонеле за раст на инвестициите од над 9% во првата половина на 2026 година.  Слично високо ниво на инвестициска активност се очекува и во втората половина на 2026 година.

Растот според Агенцијата дополнително ќе биде поддржан од отпорната приватна потрошувачка, поттикната од подобрувањата на пазарот на трудот, растот на платите и пензиите и зголемувањето на расположливите приходи на домаќинствата.

„Стандард и Пурс“ очекува инвестицискиот циклус да продолжи и во наредните години, при што просечниот економски раст во периодот 2027–2029 година се проектира на околу 3,3%.

Во делот на јавните финансии, „Стандард и Пурс“ очекува постепена фискална консолидација во периодот 2027–2029 година, при што буџетскиот дефицит во просек би изнесувал околу 3,4% од БДП.

Високото ниво на јавни инвестиции, финансирањето на инфраструктурните проекти и обврските поврзани со државните претпријатија според Агенцијата ќе влијае на нивото на долгот кој би бил на ниво од 57% до 2029 година.
Истовремено, трошоците за сервисирање на долгот се оценуваат како одржливи.

Во извештајот се нотира и непречениот пристап на Владата до меѓународните пазари на капитал, при што се посочува издавањето на две еврообврзници од по 500 милиони евра во јануари 2026 година.

„Стандард и Пурс“ посочува дека трајното подобрување на фискалните перформанси, одржливото намалување на нето јавниот долг и посилниот економски раст според Стандард и пурс ќе имаат позитивно влијание на кредитниот рејтинг на земја.

Агенцијата ја нотира и посветеноста на Владата кон процесот на европска интеграција, кој го оценува како важен двигател на структурните реформи на среден рок.

Кредитниот рејтинг на Македонија „Стандард и Пурс“ го оценува двапати годишно. Рејтингот претставува важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари при оценката на кредитниот ризик на една земја.

Share
Scroll to Top