Министерството за енергетика му одговори на Филипче: Гасификацијата не запира, интерконекторот со Грција се гради

Министерството за енергетика му одговори на Филипче: Гасификацијата не запира, интерконекторот со Грција се гради

пред 5 часа

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги отфрли тврдењата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека државата се откажува од гасификацијата и од развојот на нови правци за снабдување со природен гас. Од Министерството порачуваат дека проектите продолжуваат, а изјавите на Филипче ги оценуваат како неточни и засновани на нецелосно претставување на фактите.

Реакцијата следува по денешната прес-конференција на Филипче, на која тој изнесе критики за владините политики во енергетскиот сектор.

Од Министерството нагласуваат дека изградбата на гасниот интерконектор со Грција е во тек, со веќе обезбедено финансирање преку инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

„Филипче треба да одговори на едноставно прашање: како државата се откажува од гасификацијата, ако гасоводот со Грција се гради со инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој?“, прашуваат од Министерството.

Според податоците што ги соопшти институцијата, заклучно со 19 октомври, на македонската делница од интерконекторот се испорачани 64 километри цевки, од кои 43 километри се заварени, а 18 километри веќе се поставени во ров. Дополнително, постапката за експропријација е реализирана во обем од 97 проценти.

Од Министерството посочуваат дека овие бројки се потврда за конкретниот напредок на проектот на терен.

Паралелно со изградбата на интерконекторот со Грција, продолжуваат и активностите за подготовка на гасното поврзување со Србија. Во тек се работите поврзани со трасата и проектирањето, а целта, според институцијата, е создавање дополнителни можности за снабдување со природен гас од различни правци и извори.

Во реакцијата се појаснува и разликата меѓу инвестициите во гасоводната инфраструктура и планираната набавка и складирање природен гас за стратешки резерви.

Како што наведуваат од Министерството, станува збор за два одделни процеса со различни финансиски и технички предуслови. Обезбедувањето стратешки резерви зависи од расположливите капацитети за складирање и транспорт, додека инфраструктурните проекти имаат сопствени извори на финансирање.

Оттаму сметаат дека буџетските усогласувања не можат автоматски да се толкуваат како откажување од гасификацијата или како определба земјата да остане зависна од еден извор на снабдување.

Министерството упати и критики до претседателот на СДСМ, оценувајќи дека издвојувањето поединечни буџетски ставки без објаснување на нивната намена и начинот на финансирање на проектите создава погрешна слика во јавноста.

„Од претседателот на СДСМ очекуваме одговорна критика, заснована на целосни информации. Издвојувањето бројки, без да се објаснат намената на средствата, одделното финансирање и напредокот на проектите, ја доведува јавноста во заблуда. Политичката пресметка не смее да биде поважна од точното информирање на граѓаните“, се наведува во реакцијата.

Од Министерството повторуваат дека гасификацијата останува дел од енергетските инфраструктурни проекти на државата и дека активностите за изградба и развој на гасоводната мрежа продолжуваат.

„Гасификацијата продолжува. Министерството останува отворено за конкретни прашања и проверка на документите и резултатите“, се наведува на крајот од соопштението.

Share
Scroll to Top